За да ги обавува дневните активности и за да биде здраво, човечкото тело има потреба од околу 50 хранливи материи, кои можат да се добијат од храната која ја јадеме. Природата го создала така човекот што неговото телото не може да ги произведе тие 50 материи. Таков пример се Омега-3 и Омега-6 полинезаситени масти, кои се неопходни за нормален раст, развој и многу други процеси во човечкото телото.
Од тие причини човекот е упатен да внесува односно да конзумира храна која го содржи сето она што е неопходно за здрав и нормален живот. Со конзумирање на различни видови на храна се добиваат сите потребни хранливи материи. Но покрај разновидноста на храната, битен е начинот на приготвување на храната, количината на храната и нејзината содржина. За човек здраво да се храни потребно е да знае дека храната е двигател на животот и дека вкусната храна не е и здрава храна. Според голем број на истражувања се смета дека во 21. век лек за многу болести, но и превентива за нив, ќе биде пред се’ здравата храна и уравнотежената исхрана.
Но, најнапред да разграничиме што е здрава храна, а што здрава исхрана:
- Здрава храна е онаа која содржи минерали, витамини, масти, протеини, јаглени хидрати и ред други хранливи материи, а при тоа не содржи, опасни бои, конзерванси и разно разни адитиви кои се штетни, дури и опасни. Така на пример голем број на вештачки заслaдувачи се канцерогени. Кога во 1950 година беше објавено дека ќе се намалат калориите со замена на шеќерот со вештачки засладувачи тоа беше големо изненадување и многумина кои водеа војна со вишокот на килограми беа одушевени. Подоцна со лабораториски истражувања се појави во јавноста тврдење дека вештачките засладувачи предизвикуваат разни оштетувања и болести како што е на пример тумор на мочниот меур кај стаорците и US Food and Drug Administration ја забрани нивната употреба. И за сахаринот исто така беше утврдено дека ги предизвикува истите проблеми, но не беше забранет за употреба. Сепак на сите производи во развиените земји во светот во кои има вештачки засладувач има и предупредување на пакувањето за можност од појава на рак на мочниот меур. На листата посебно под сомнение е аспартанот, бидејќи кај оние кои го консумирале има зголемен ризик за појава на рак.
- Здрава исхрана пак е конзумирање на здрава, разновидна и по можност неварена или што помалку обработена храна во одредени според потребите количини. Користење премногу месо и сирење можат да претставуваат рецепт за катастрофа, покажува најновото проучување со кое се поврзува користењето на протеини од животинско потекло и зголемениот ризик од предвремена смрт за луѓето во педесеттите и шеесееттите години од нивниот живот. Проучувањето на повеќе од 6.000 возрасни Американци открило дека лицата на возраст од 50 до 65 години, кои се хранат со храна богата со протеини од животинско потекло, имаат 74% поголема можност да доживеат предвремена смрт во однос на лицата од истата возрасна група кои се хранеле со помалку протеини од животинско потекло, а протеините ги обезбедувале од други извори. Се чини дека јадењето протеини од растително потекло, како што се зрнеста храна и грав и грашок, го преобрнува нездравиот тренд. Основната порака од ова истражување е дека треба да се оди на безбедно ниво на проетини од животинско потекло и да се прави обид колку што е можно повеќе да се користат протеини од растително потекло.
И за здравата храна и за здравата исхрана битно е и како е одгледана храната. Какви ѓубриња се користени, количината на пестициди, чистотата на почвата и водата за полевање и друго.
Дел од здравата храна е и количината на внесени течности кои се неопходни исто толку колку што е битен квалитетот на храната и начинот на земање. Дехидриран организам нема никаква полза од исхрана со здрава храна.
Денес постојат голем број на извори на информации за се’, па и за исхраната. Благодарение на тоа многу болести можат да се избегнат, да се стопираат, па дури и да се излечат. И кога сме кај здравата храна и издравата исхрана треба да се нагласи и потенцира: не е вистина дека за здрава исхрана се потребни многу финансиски средства. Многу поскапо е да се купи килограм месо од килограм леќа. Многу поскапо е да се конзумираат готови мајонези, кечапи, сувомеснати производи, од грав, праз, зелка, компири…Да, потребни се можеби повеќе средства ако сакаме она што го конзумираме да биде доста поразновидно, но за се’ впрочем е така!
Значи за здрава исхрана потребно е внимание и разумно однесување. Ако кон тоа се придодаде и физичката активност здравјето во голема мера ќе биде сочувано, ако генетиката е на ваша страна.
Прим. Др. Снежана Макревска
Спец. по општа медицина