Антихистаминици и алергии 1


 

Антихистаминици се медикаменти кои и според називот дејствуваат против ХИСТАМИН-от. Хистамин е супстанца која се ослободува при алергиски реакции. Таа е сместена во посебни за тоа наменети клетки (најмногу во мастоцитите но ја има и во базофилните леукоцити). При алергиска реакција мастоцитот “прска” и од него се ослободуваат бројни посредници на алергиската реакција од кои најмоќен и количински најзастапен е хистаминот. Оваа супстанца предизвуикува ширење на крвните садови (резултира со пад на крвниот притисок), зголемена активност на секрециските жлезди што доведува до солзење на очите, “течење” на носот како и јадеж во очите и носот, кивање во салви; потоа предизвикува спазам на бронхијалното стебло (отежнато дишење, “свирење” при дишење), грчеви на цревата со болки во стомакот; по кожата се јавуваат “копривници” (уртика на латински значи “коприва”) т.е. ограничени црвенила нешто издигнати над кожата кои покажуваат изразито чувство на јадеж; некогаш наместо уртики кожата е дифузно црвена или пак се јавува егзантемски (како сипаници) исип. Неретко бурната алергиска реакција е придружена и со треска.

Антихистаминиците (loratadine, desloratadine, cetirisine) широко се применуваат во третманот на алергиските заболувања. Се користат во ампуларна, таблетарна и сируп форма. Познато е дека имаат седативен (смирувачки) и хипнотички (успивателен) ефект, па затоа при нивното консумирање е забрането да се консумира алкохол (се потенцира хипнотичкиот ефект), да се управува со моторно возило и да се работи на височина, покрај оган или на лента (ги затапуваат рефлексите). Нивна примена кај трудниците и доилките е дозволена само во болнички услови. Потребно е строго придржување на дневните дозволени дози кај деца, особено до 2-годишна возраст; кај особи со тешка хепатална инсуфициенција, како и особи кои се на терапија со кетоконазол или еритромицин (се потенцира дејството на антихистаминикот), како и кумарински препарати (антикоагуланс) неопходно е намалување на дневната доза на антихистаминикот.

Важно е да се напомене дека оралната примена на антихистаминиците треба да се спроведува секогаш на гладно, т.е. на празен стомак. Тоа значи дека пациентот треба барем 2,5-3 часа да нема ништо јадено и пиено (освен вода) и уште еден час по примањето на антихистаминикот не смее ништо да јаде или пие (може само вода). Затоа неговата примена сабајле, по будењето е најправилна, со напомена дека еден час по таблетата/сирупот не смее ништо да се јаде/пие. Со придржување на ова правило имаме гаранција дека во циркулацијата ќе се постигне максималната можна концентрација од антихистаминикот.

Смирување на една алергиска реакција се забрзува не само со примена на неутрализатор на хистаминот, т.е. антихистаминиците, туку и со отстранување на секаква можност организмот да стапи во контакт со потенцијален, друг алерген. Токму затоа, без обзир на предизвикувачот на алергијата (доколку е откриен), секогаш се препорачува и диетален режим со кој се исклучува внес на храна со макар и минимален алергоген потенцијал. Безбедна храна е само: компирот, оризот, солта, шеќерот и водата. Внес на леб (некои препорачуваат двопек кој претставува дехидриран леб) не е дозволен. Овој СДР=строг диетален режим се спроведува 24-48 часа, односно додека не настапи морбостаза (нема појава на нови кожни лезии, симптомите од другите органи се со смирувачка тенденција). По тој период се спроведува УДР=умерен диетален режим во кој се забранува храна од животинско и растително потекло, богата со протеини како и храна и пијалоци кои содржат конзерванси и адитиви.

Во третманот на алергиите битно место завземаат и гликокортикоидните хормони, во ампуларна, таблетарна и сирупна форма, но за тоа во друга прилика.

Fotografija   Др.Елизабета Авшар


Напиши коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Еден коментар на “Антихистаминици и алергии