Покачен крвен притисок и исхрана


Покачен крвен притисок (HIPERTENSIO ARTERIALIS-HTA)  е чест здравствен проблем со кој се соочуваат пациентите кои се јавуваат на телефонската линија ”Ало докторе”. Најголем број од нив редовно ја земаат терапијата ординирана од матичниот лекар или од лекарот специјалист, најчесто интернист. Голем број од пациентите се со други придружни заболувања (шеќерна болест, срцево заболување, заболување на штитната жлезда).

Но, добар број од пациентите ја потценуваат важноста на ХДР (хигиено-диететскиот режим). Имено, познато е дека пациентите со ХТА не смеат да консумираат солена храна. Постојат испитувања што докажуваат дека кога пациентите со ХТА би престанале да купуваат и додаваат сол на храната, кај една третина од нив би се нормализирал притисокот без употреба на било каква антихипертензивна терапија. Сол има во храна за која и не претпоставуваме дека ја содржи како доматите, лебот што го купуваме, пиперките, јајцата. Да не зборуваме за маслинките и разните сирења кои треба пред консумирање добро да ги отсолиме со престојување во поголема количина вода или во помала количина вода но неколкупати сменета. Оние што не можат да се отсолат (солена урда, павлака, крем сирења, кашкавал) не смее да се консумираат или се консумираат исклучително ретко и во мали количини.

Освен солта, шеќерот е втората супстанца која исто така го покачува крвниот притисок. Не толку брзо и многу како солта, но консумирањето шеќер во било која форма (колачи, сладоледи, овошје и сокови) ќе придонесе да се качи крвниот притисок. Добар  број од луѓето не се запознаени со овој податок па внимаваат само на внесот на солта. Затоа, болните од ХТА иако не се дијабетичари треба да го намалат внесот на слатките продукти. Освен тоа, треба да знаеме дека кога ќе консумираме блага храна изразито се зголемува чувството на потреба за солена храна и обратно, кога ќе каснеме нешто солено, набрзо потоа имаме потреба да земеме нешто благо; тоа е природниот закон на ЈИН и ЈАНГ.

Стимулансите се исто така храна што го покачува крвниот притисок. Во стимуланси спаѓаат кафето, чаевите, особено рускиот чај (без обзир колку шеќер има во него), газираните пијалоци, вклучително и газираната минерална вода. Затоа не е дозволен внес на силни кафиња и концентрирани чаеви. На пазарот се наоѓаат бројни ”замени за кафе”, продукти кои содржат минимални количини кафе (од 10-50%), а остатокот се со мелени житарици. Овие напитоци повеќе или помалку ја задржуваат аромата на кафето, иако го содржат во минимални количини.

Физичката активност, емотивните напливи (гнев или лутина, радост, грижа), несоницата, односно недоволниот број часови поминати во спиење, исто така допринесуваат да се покачи крвниот притисок. Затоа физичката активност на овие пациенти треба да е усогласена со нивната возраст, вредноста на крвниот притисок (дали е малку, средно или многу покачен) секоја несоница да се лечи со средства за спиење ординирани од лекар, а напливите на емоции со седативи, исто така ординирани од лекар.

Fotografija   Др.Елизабета Авшар