АлоДокторе – 1 година успешна реализација, 24 часа достапност (02) 15-123


Јубилеите се убави поводи за празнување и сумирање на постигнатите резултати. Таков несекојдневен јубилеј на 15 септември 2015 година, одбележа  и прослави Проектот „Ало докторе“.

Иако на почетокот многумина можеби се сомневаа на потребата од проектот, истиот се  покажа не само неопходен туку и многу успешен.Од почетокот до денес, за една година функционирање на бројот (02) 15 123 на „Ало докторе“, се јавиле 51 700 луѓе на кои им била потребна лекарска помош, совет или само да слушнат човечки глас кој ќе им го разубави денот и секојдневната монотонија. Многумина од нив многу послободно својот проблем можат полесно да го презентираат по телефон отколку лично пред лекарот бидејќи многу често станаува збор за нивните интимни здравствени проблеми. Само во текот на неделата пред јубилејот, на овој број се јавиле 1.175 граѓани за совет. Но зад овие бројки се „кријат “ други бројки: часови во кои луѓето не морале да чекаат автобус и друг превоз, часови во кои граѓаните не морале да чекаат во некоја амбуланта, финансиски средства за превоз, часови кои морале да губат од работа нивните блиски ако морале да пратат постар човек или дете, а најчесто повиците се од оваа популација.

Не треба да се заборави дека со овој Проект многу се растерети службата за Итна медицинска помош, што исто така значи уштеда на сретства и помошта да ја добие оној на кој таа му е навистина неопходна во даден момент. Таков случај беше повикот од едно прилепско планинско село во врска со алергија од убод од оса на човек алергичен на тоа. Итната помош не мораше да оди дури до таму, а и ако одеше можеби и ќе задоцнеше. Од лекар на линијата „Ало докторе“, на пациентот му беше даден совет најнапред да сесмири, да не дозволи паниката да го блокира, а потоа да ја примени антиалергиската терапија која ја имал со себе. Исходот од советот даде позитивен резултат.

Инаку, вкупно 25 лекари се 24 часа достапни за граѓани од цела Македонија и истите даваат медицински совети од широк спектар на различна симптоматологија. Најчесто прашањата се однесуваат за кардиоваскуларни и респираторни заболувања, главоболка, болки од различно потекло, инфективни болести, алергиски  реакции, дијабетес  мелитус, психички проблеми, повреди од разни причини како и во врска со постоечката терапија за нивните хронични болести.

Покрај за здравствени проблеми, се даваат совети и за начин на исхрана, на однесување во дадени временски состојби како што се високи или ниски температури, променливо време и друго. Се даваат и совети за остварување права од секаков вид на здравствена заштита.

Многумина од нив задоволни од дадените медицински совети се јавуваат и повеќе пати и го препорачуваат овој број на свои блиски и пријатели. Така овој проект се шири секојдневно и станува се поуспешен  што не значи дека неможе да биде и уште подобар.

 

Snezana Makrevska

Прим. Др. Снежана Макревска

Спец. по општа медицина