Насоки за здрава исхрана


Насоките за исхрана на населението во Република Македонија претставуваат препораки за компонентите на диетата кои со чие консумирање би се воспоставила исхрана што ќе придонесе кон здравствени придобивки на населението. Тие содржат препораки кои се базирани на докази присутни во науката за исхрана, храната и физичката активност и секако здравјето. Целта на Насоките е да го подобри здравјето на општата популација во нашата држава, како и здравјето на идните генерации, преку промоција на навики за здрава исхрана и физичка активност со цел таквите навики да станат правила и норми за сите луѓе. Препораките се наменети за здравите луѓе, на возраст над 2 години. Сепак, овие насоки се појавуваат во време на зголемени здравствени ризици на нашата популација, а тоа се ризиците поврзани со хроничните незаразни болести (ХНБ). Затоа, овие насоки се корисни и за луѓето кои имаат зголемен ризик од хронични болести.

Лошата исхрана и слабата физичка активност се најважните фактори кои придонесуваат за епидемијата на зголемена телесна тежина и дебелина во светот. Ситуацијата во нашата држава сугерира дека тие проблеми се сè повеќе присутни и кај популацијата во Република Македонија (РМ). Бројките покажуваат дека 60,5% од мажите и 47,8% од жените на возраст над 20 години имаат зголемена телесна тежина, а околу  20% од возрасните во државава се дебели. Дури и да не постојат зголемената телесна тежина и дебелината, лошата исхрана и физичката неактивност се поврзани со најголемите ризици од морбидитет и морталитет. Во нив се вбројуваат кардиоваскулерните болести (КВБ), хипертензијата, дијабетот тип 2, остеопорозата и некои типови на канцер.

Децата се особено важна група на која се фокусирани овие насоки. Се повеќе докази ја покажуваат клучната улога што оптималната исхрана ја игра во текот на животот.  Една третина од децата на возраст од 6 до 7 години во РМ се со зголемена телесна тежина или дебели, а 13% се дебели. Се почесто ризик-факторите за појава на болест се откриваат во детска возраст, многу порано од времето во кое истите би се очекувало да се појават. Навиките за исхрана воспоставени во детството често се рефлектираат и во подоцнежниот живот, правејќи ги раното прифаќање на здрави навики во исхраната и физичката активност важен приоритет.

Линк до водичот за здрава исхрана