15-123, Ало докторе!


Од денеска почнува да работи повикувачкиот центар на „Ало докторе” каде на бројот (02) 15-123 граѓаните секој ден, 24 часа ќе можат да се јават и да се консултираат за определена здравствена состојба или симптоми што ги чувствуваат.

Телефонот е наменет за полесни случаи за да не се оптеретува секојдневната работа на Брзата помош со консултативни разговори.

Во проектот се вклучени доктори специјалисти, а дел од специјалистите се и пензионирани доктори. На телефонот совети ќе делат и 39 директори на скопските клиники и здравствени установи во главниот град.

„Директорите ќе работат по една смена во месецот во повикувачкиот центар „Ало докторе“ по четири часа.  Тоа значи дека секој ќе има по еден доктор, кој што е директор во некоја од клиниките, односно специјалист или доктор на науки со огромно искуство, кој ќе прима повици и ќе дава совети на граѓаните кои што сметаат дека имаат потреба да се јават на овој телефон“, изјави Никола Тодоров, министер за здравство.

Денеска на смена е директорот на Клиниката за Гастроентерохепатологија.

Директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска-Вучковиќ, појасни дека преку овој број граѓаните од цела Македонија ќе можат да добијат соодветна здравствена услуга преку здравствен совет, симптоматска терапија или пак повикот да биде препратен до итната медицинска помош.

Повикувачкиот центар за проектот „Ало докторе“ се наоѓа во Итната медицинска помош до поликлиника Букурешт.