ВАКЦИНИРАЈТЕ СЕ, ЗАШТИТЕТЕ СЕ ОД ГРИП!


Со оваа препорака до читателите на  веб страната на Ало докторе, го започнувам овој прилог, со единствена цел да ги информирам и потсетам на престојните зимски денови и доаѓањето на грипот. Најдобра заштита од ова масовно заразно заболување е вакцинацијата против него.

Во сите Центри за јавно здравје во Република Македонија, во тек е вакцинирањето против грип и секое заинтересирано лице може да се вакцинира секој работен ден. Цената на една вакцина изнесува 400 денари.

Би сакал уште еднаш да Ве потсетам на основните карактеристики на ова заболување.

  • Грипот или инфлуенца, е акутно заразно заболување предизвикано од вирусот на инфлуенца;
  • Грипот има брз почеток и силно изразени општи сиптоми: висока температура, малаксалост, треска, главоболка, болки во зглобови и мускули и сува кашлица;
  • Грипот и настинката може да имаат слични симптоми, но грипот е многу поопасен од обичната настинка и за разлика од неа грипот кај многу луѓе може да предизвика сериозни компликаци;
  • Грипот е заболување кое многу лесно и брзо се пренесува од болен на здрав човек, поради што спаѓа во најмасовните заболувања во светот. Грипот се јавува во масовна форма, односно заболуваат голем број на луѓе. Јавувањето е епидемиски и пандемиски и не постои земја во која немало епидемија на ова заболување;
  • Заразувањето настанува од болен човек преку т.н. Флигеови капки (капки на секрет), кои болниот ги исфрла преку дишење, зборување и особено преку кивање и кашлање. Во овие капки кои претставуваат секрет од носната и усната лигавица се наоѓаат огромен број на вируси на грип. После навлегувањето во здравиот човек, вирусот на грипот се населува во горните дишни патишта, енормно се размножува и после 1 до 3 дена инкубација се јавуваат симптомите на болеста. Значи, заразувањето настанува преку воздушно-капков пат, при близок контакт на болен и здрав човек;
  • Се претпоставува дека секоја година 5 до 15% од возрасните и 15 до 40% од децата ќе заболат од грип.

Кој може да заболи од грип?

Секој може да заболи од грип, што значи и здрави млади лица, кои се во добра физичка кондиција. Но, некои луѓе имаат зголемен ризик да заболат од грип. Тоа се луѓе со хронични заболувања на срцето, на белите дробови, лица со анемии, бубрежно болни, шеќераши, лица над 60 годишна возраст и лица кои се професионално изложени на ризик од заболување, како што се здравствениот персонал, персоналот на јавните служби.Кај овие луѓе посебно сериозни можат да бидат компликациите од ова заболување: воспаление на белите дробови, на срцевиот мускул, на ушите, на синусите и други компликации.

 

Може ли да се спречи грипот?

Грипот може да се спречи со вакцина, која претставува строго специфична вакцина и го штити вакцинираниот само од грип. Ефикасноста на вакцината е клинички докажана и Светската здравствена организација ја препорачува вакцинацијата против грипот како најефикасна мерка за заштита од грипот.

Вакцината против грип е безбедна и сигурна. Таа добро се поднесува и најчеста реакција  после нејзиното примање е црвенилото на местото на апликација кое може да трае од 24 до 48 часа.

Потврда за ефикасноста на вакцината е зголемувањето на бројот на лицата кои сакаат да се вакцинираат, кој од година во година непрестано се зголемува.

Вакцината треба да се прими пред почетокот на сезоната на грип, но никогаш не е доцна да се прими вакцина дури и во текот на самата сезона на грип. Кај нас, грипот најчесто се појавува во месеците јануари и февруари.

Вакцината ќе го спречи добивањето на грип, ќе го сопре изостанувањето од работа, ќе ги елиминира компликациите, ќе го намали ризикот за пренесување на своите најблиски, на пријателите и соработниците.

Prim.d-r spec. Vojislav Ognjanoski

Прим. Д-р Војислав Огњаноски, 

Спец. епидемиолог